Иако се сметаше дека е затворена тема откако министерот за спорт Борко Ристовски во текот на неделава објави дека клубовите ќе ја добијат државната помош за оваа година, а тоа беше објавено и во Службен весник, повторно се појавија проблеми во врска со овој случај.
Дел од кошаркарските клубови во земјава се во постојана комуникација последните денови и закажан е состанок за понеделник од 13 часот поради, како што велат, многу нејаснотии во врска со државните субвениции. До нив се доставени апликации и критериуми за пополнување кои треба да се вратат во рок од 15 дена поради што клубовите се во страв дека средствата ќе се чекаат најмалку до крајот на овој месец.
„Ве известуваме дека отпочнува реализацијата на Програмата Субвенции од областа на спортот за 2024 година. Во прилог ви ги испраќаме потребните обрасци од односната програма, доставени од Министерството за спорт. Податоците се бараат за претходната 2023/24 година. Кошаркарската федерација има рок од 15 дена од Министерството за спорт да ги достави бараните формулари и потребната документација. Доставените пополнети обрасци и бараните прилози се сметаат за предуслов кој се однесува на започнување на постапката за утврдување на критериумите за распределба за средствата од програмата. Исполнетоста на критериумите ги утврдува Министерството за спорт“, пишува, меѓу другото, во мејлот што Кошаркарската федерација вчера им го испратила на клубовите, заедно со апликациите.
Клубовите се жалат токму на тоа што апликациите се пополнуваат за сезоната 23/24 со што се прескокнува цела една сезона (22/23) имајќи предвид дека последните ваучери ги добија на почетокот од 2023 година. Поради тоа прволигашите в понеделник ќе дискутираат на оваа тема, а имајќи ја предвид тешката финансиска состојба во која се наоѓаат клубовите и која, како што велат, е предизвикана од тоа што не ги добиле субвенциите, не е исклучено дел од нив или сите да ги прекинат натпреварувањата.


