Со натпреварите од групите Ц и Д, оваа недела е комплетирано третото коло од АБА 2 лигата, а ситуацијата за македонските претставници во ова натпреварување не е нималку добра.
Иако Македонија има три екипи во АБА 2, вклучувајќи го и шампионот МЗТ Скопје, ниедна од нив не се наоѓа на позиција која води во втората фаза. Работнички е речиси испаднат и со само теоретски шанси да заврши меѓу двете најдобропласирани екипи во својата група, но во незгодна положба се и МЗТ Скопје и Пелистер.

Шампионот и вицепрвакот загубија на домашен терен и во моментов имаат биланс 1/2. МЗТ Скопје го очекува исклучително важен дуел идната недела, против Хелиос на гости и само со победа може да се надева на продолжување на борбата за првата или втората позиција. Ако не успее, ќе треба да се надева на триумф против Цедевита Јуниор, но и на барем уште еден пораз на хрватскиот тим во останатите два меча. Пласман во АБА лигата беше една од главните цели на МЗТ Скопје пред почетокот на сезоната, па на тоа ќе бидат насочени сите сили до крајот на оваа фаза.
Пелистер во четвртото коло ќе му гостува на Џокер, но јасно е дека својата шанса ќе ја бара против Подгорица на домашен терен која мора да ја совлада со 12 разлика и со Широки од кого не смее да си дозволи пораз на гостински терен.


