Во својата трета сезона во Првата македонска кошаркарска лига, екипата на Чаир ја оствари најголемата победа во клупската историја.
На домашен терен, чаирчани го совладаа МЗТ Скопје со 95-94 по продолжение и тоа е прва победа за нив против 11-кратниот првак на Македонија и во исто време прв триумф против еден шампион и тоа актуелен. Натпреварот беше решен по голема драма и дополнителни пет минути, а МЗТ Скопје ја испушти својата шанса за победа во основните 40 минути.
За израмнетоста на мечот, најдобар доказ е тоа што ниедна од екипите не направи повисока предност од осум разлика. Чаир беше многу подолго во водство, во првата четвртина водеше со 18-10, а иако гостите неколку пати се вратија во игра, на полувреме се замина со 44-40 за домашниот тим. И во третиот период Чаир ја контролираше играта, два пати имаше +7 (58-51 и 61-54) и беше во позитива до три минути пред крајот на мечот. МЗТ Скопје се одржуваше во живот благодарение на офанзивниот скок поради кој постигна многу поени од втора шанса.
Во последната минута се влезе со иразмнет резултат (77-77), а се чинеше дека шампионот, сепак ќе си замине со триумф откако Бојан Крстевски постигна тројка на 28 секунди пред крајот. Но, Чаир не се предаде, во пенал завршницата остана на еден поен негатива, а еден од најважните моменти се случи на 20 секунди пред крајот. При водство на МЗТ од 82-81, гостите не успеаја да ја внесат топката во игра за пет секунди и им беше одземен поседот. Чаир доби шанса за победа, Какруки беше фаулиран непосредно пред истекот на времето, но погоди само едно од двете слободно фрлања и мечот отиде во продолжение.
И во него МЗТ ја имаше предноста, два пати водеше со по три разлика, но во најважните моменти не успеа да го задржи Мофит. Најдобриот играч на Чаир ги постигна последните шест поени на својот тим, а по неколку промени на водството, тој го реализира и кошот за победа на девет секунди пред крајот. Во последните секунди Слај се обиде да донесе триумф за МЗТ, но не успеа, па сега Чаир е пред МЗТ Скопје на табелата.
Мофит беше убедливо најефикасен играч на мечот со 31 поен, Кели додаде 24 поени со 9 скока, а Ролинс уште 19. Крстевски го предводеше МЗТ Скопје со 21 поен, а Слај постигна 18, но најголем дел од нив во првата четвртина.


