Екипата на ТФТ ја продолжи победничката серија во новата сезона и веќе стигна до петтиот триумф во исто толку одиграни натпревари.
Нова жртва на тимот од Тафталиџе е Шкупи кого лидерот на табелата го победи со 82-73, но конечниот резултат не е реален одраз на она што се случуваше на теренот. Гостите беа рамноправен ривал до 18. минута, а се понатаму одеше на контото на ТФТ кој во еден момент водеше и со 24 поени разлика.
Шкупи подобро го почна натпреварот и во шестата минута водеше со 13-7 што беше негова највисока предност. Слично беше и во вториот период, чаирчани последен пат водеа на стартот од 18. минута (28-27), а потоа почна доминацијата на ТФТ. До крајот на полувреме домашниот тим направи 40-34, а се беше решено по серијата од 14-0 во третиот квартал по која ТФТ отиде на огромни 59-40. Највисоката предност лидерот ја достигна во средината на последната четвртина (80-56) по што дојде до опуштање во неговите редови и Шкупи го искористи тоа за да го ублажи поразот.
Сапунџиев со 13 поени беше најефикасен во редовите на ТФТ, Зафиров додаде 11 со 8 скока и 4 асистенции, а Николов 10 поени. Арчи со 21 поен го предводеше Шкупи, а интересно е тоа што ниеден од резервните играчи на успеа да се запише во листата на стрелците.


