Екипата на Работнички ја оствари четвртата победа во сезоната откако го совлада последнопласираниот Вардар со 79-71.
Најтрофејниот клуб во земјава мораше да се намачи за да го добие „фенерџијата“, а прашањето околу победникот беше отворено до последните минути. Вардар одлично го почна натпреварот, речиси постојано беше во водство, а на стартот од втората четвртина ги достигна највисоките +5 (22-17).
Работнички се разигра дури пред крајот на полувремето кога ја презеде контролата над резултатот и на пауза замина со водство од 42-39. Се чинеше дека отпорот на Вардар е скршен на седум минути пред крајот кога Дубински погоди тројка за 67-61, но домаќините ни тогаш не се предадоа. Се беше решено дури во последната минута кога прво Полутак, а потоа и Дубински погодија и Работнички отиде на големи во тие моменти 76-68.
Ѓуроски пак беше најефикасен кај Работнички со 20 поени, Полутак додаде 17, а Дубински 15. Прв играч на Вардар беше 17-годишниот Лука Марјановиќ кој беше член на македонската јуниорска репрезентација што минатото лето ја освои титулата на Европското првенство Б-дивизија во Скопје. Тинејџерот помина на теренот 31 минута и за тој период постигна 16 поени, најмногу во неговиот тим.


