Можеби целата сезона во АБА 2 лигата за МЗТ Скопје е собрана во денешниот дуел против Домжале во Словенија.
Македонскиот првак мора да победи за да не се доведе во ситуација да зависи од резултатите на конкурентите во последните две кола и самиот да може да си ја решава судбината. Тренерот Васко Атанасов најчесто досега излегуваше како победник од вакви предизвици, па верува дека и вечерва ќе биде исто.
„Пред две недели, Домжале во Скопје покажа дека е одличен тим, со голема ментална стабилност што беше клучно во финишот. Во Домжале доаѓаме решени да вратиме со иста мера, односно да го надополниме минусот од претходниот меч со што би се вратиле на планираната патека. Нема да биде лесно, но решени сме да сториме сѐ за да дојдеме до целта. Ова е исклучително важен дуел за нас во кој сум убеден дека ќе покажеме дека располагаме со квалитетен состав, кадарен за високи дострели“, рече Атанасов.
Мечот во Домжале се игра од 18 часот. Теоретски и со пораз МЗТ Скопје останува во игра за второто место, но така ќе треба да се надева на пораз на Цедевита Јуниор од Домжале во следното коло.


