Македонскиот шампион МЗТ Скопје го претрпе третиот пораз во АБА 2 лигата и сега е многу блиску до испаѓање од регионалното натпреварување, уште во првата фаза.
На гостувањето кај Домжале, тимот од Аеродром загуби со 67-68 што е вкупно петти пораз за МЗТ оваа сезона и сите беа со еден или два поена разлика. Нашиот претставник мора да победи во последните две кола и притоа да се надева на пораз на Цедевита Јуниор од Домжале во Словенија за да остане во игра за едно од првите две места на табелата.
Денеска МЗТ Скопје одигра очајно прво полувреме, а особено втората четвртина. До средината на тој квартал беше израмнето, а потоа Домжале направи серија од 7-0 и поведе со 30-19 за на голем одмор да замине со 13 поени предност (39-26). Второто полувреме донесе многу подобра игра на МЗТ Скопје кој отвори со 13-0 и по само четири минути игра го израмни резултатот. Домжале се оттргна од шокот, но не успеа повторно да направи висока предност.
МЗТ Скопје го врати водството на стартот од последниот период и беше во позитива до 30-тина секунди пред крајот. Цопот потоа од линијата за слободни фрлања го однесе Домжале во водство од 68-67, но на „пеналите“ им претходеше сомнителна неспортска лична грешка на Дион Едвин. Да не им беше доделена топката на домаќините, МЗТ ќе имаше цел напад за победа, вака му останаа 12 секунди во кои Слај ја заглави акцијата и потоа беше изблокиран од Кнежевиќ, па измина времето и МЗТ Скопје доживеа уште еден болен пораз.
Едвин и Слај беа најефикасни во тимот на МЗТ Скопје со 16, односно 15 поени, но тешко дека тоа ќе биде некоја утеха за нив, а особено за македонскиот првак кому главна цел сезонава му беше пласман во АБА 1 лигата.


