Откако вчера Пелистер стана прв тим кој постигна троцифрен број поени на еден натпревар во домашното првенство оваа сезона, денеска истото му успеа и на Чаир.
Екипата од северната скопска населба славеше со 104-80 за петти триумф во првенството и одржување на чекорот со лидерот на табелата ТФТ. Се беше јасно уште по првата четвртина која Чаир ја доби со 26-7 по што воопшто немаше дилеми околу конечниот исход.
Вардар отвори со 3-0 и тоа беше неговото единствено водство на овој меч по што Чаир одговори со серија од 15-0, па веќе во петтата минута стана јасно како ќе се одвива натпреварот. Домаќините доминираа до крајот на мечот, разликата ретко се спушташе под 20 поени, а на околу четири минути пред крајот се искачи на максимални +32 (100-68).
Ајзеа Кели беше убедливо прво име на натпреварот, на теренот помина само 25 минути, но и тоа му беше доволно да постигне 38 поени, 11 скока и 5 асистенции за индекс 49. Стивенс единствен постигна двоцифрен број поени во тимот на Вардар – 12, но додаде и 15 скока. „Црвено-црните“, сепак, уште ја чекаат првата победа во сезоната и се единствени без триумф досега.


