Поранешниот вицешампион на Македонија, Кожув стигна до третата победа во сезоната, трета на домашен терен каде досега има максимален ефект.
Нова жртва на гевгелискиот тим беше дебитантот во елитата МКК Куманово кого Кожув по голема борба го совлада со 82-74. Победникот беше одличен во последните пет минути во кои домашниот тим стави во повисока брзина и конечно го скрши отпорот на противникот.
МКК Куманово подобро почна, цела прва четвртина го контролираше резултатот, а имаше и предност од седум разлика (11-4). Кожув направи пресврт по серијата од 11-0 во вториот период по што поведе со 35-25 и водството, со мали осцилации, го одржуваше до крајот на мечот. Сепак, МКК Куманово во третата четвртина се доближи на само еден поен негатива (53-54), а на средина од последниот квартал беше на -2 (68-70). Во следните четири минути Кожув направи 12-2 и отиде на 82-70 со што беа решени сите дилеми околу победникот.
Стевановиќ со 21 поен го предводеше Кожув, а по 19 постигнаа Пилепиќ и Вилсон. Радукиќ беше најефикасен кај МКК Куманово со 23 поени.


