Малку недостасуваше, актуелниот шампион на Македонија, МЗТ Скопје да го претрпи третиот пораз во период од девет дена.
Откако минатиот петок загуби од Чаир во домашното првенство, а во вторникот и од Домжале во АБА 2, тимот од Аеродром вечерва мораше да игра продолжение за да ја спречи најголемата сензација во досегашниот дел шампионатот. На домашен терен МЗТ Скопје едвај го победи Гостивар со 96-90, по 45 минути игра за своја четврта победа во првенството.
Интересно е тоа што во текот на основните 40 минути Гостивар ниеднаш не се најде во водство. Се чинеше дека МЗТ ќе има лесна работа откако во почетната фаза од мечот направи солидна позитива, а во вториот период поведе со 24-16. Гостивар не се предаваше и на стартот од второто полувреме се доближи на 35-37, но на околу две минути пред крајот на третиот квартал шампионот ги достигна највисоките +13 (57-44).
Истата разлика беше на шест минути пред крајот на мечот, а уште поневеројатно звучи тоа што на влезот на последните две минути МЗТ водеше со 77-65. Но, се разиграа Грушановиќ, Роудс и Митевски, Гостивар погоди три тројки по ред и сосема неочекувано се влезе во неизвесна завршница. На седум секунди пред крајот Грушановиќ намали на 82-83, Баковиќ во следниот напад погоди две слободни фрлања за 85-82 и потоа дојде најголемата грешка на мечот која можеше скапо да го чини шампионот. Роудс ја зеде топката на својата половина, Слај место да направи фаул, го остави да ја пренесе, играчот на Гостивар дури и се лизна, но и тогаш никој не го фаулираше, па Американецот се крена на тројка и погоди со звукот на сирената за израмнување и дополнителни пет минути (85-85).
По половина минута од продолжение, Митевски погоди нова тројка и му го донесе на Гостивар единственото водство на мечот, но тоа не беше доволно за сензација. Слај се „извади“ за тоа што не направи фаул, па постигна девет поени по ред и на минута пред крајот МЗТ веќе беше на 94-89. Грушановиќ потоа промаши тројка и тука згаснаа сите надежи на Гостивар за нов подвиг за „Јане Сандански“ какви што имаше во блиското минато.
Сепак и она што сега го покажа беше премногу бидејќи го намачи шампионот со само пет играчи врз чии плеќи падна целиот товар. Во игра влегоа уште двајца кошаркари од клупата, но тие немаа никаков придонес во резултатот, освен што одморија дел од стартерите кои на терен поминаа по 40 и повеќе минути. Копривица со 22 поена го предводеше МЗТ Скопје, Слај постигна 20 со 8 асистенции и 7 скока, а Војдан Стојановски додаде 12. Кај Гостивар, Максим Митевски беше прв стрелец со 27 поени, вклучувајќи пет тројки од шест шута, Роудс додаде 24 поени, а Грушановиќ 21.


