Македонскиот вицешампион денеска од 18 часот го игра четвртиот натпревар од оваа сезона во АБА 2 лигата, втор против српскиот претставник Џокер.
По поразот на домашен терен пред две недели, битолчани денеска ќе се обидат да направат изненадување во Сомбор, родниот град на Никола Јокиќ чие семејство е и сопственик на Џокер. Пелистер во претходното коло оствари убедлива победа против Феникс на домашен терен, но тимот има кадровски проблеми за што зборуваше и тренерот.
“Извлековме поуки од првиот натпревар. Скокот одлучи во тоа соочувањ, противникот имаше 17 скока повеќе од нас и добра реализација за два поени. Ако го исконтролираме скокот и ја спречиме нивната транзиција имаме шанса за добра игра и да се надеваме на победа. Атмосферата во соблекувалната е одлична, имаме мотиви за победа и овој натпревар многу ни значи. Одново имаме кадровски промени, нема да играат Бојиќ и Бошалевски, но не треба да бараме алиби. Еден поединец многу значи, но без разлика на проблемите мислам дека сме спремни за добар натпревар и ако можеме да извојуваме победа”, вели тренерот на Пелистер, Александар Петровиќ.
Во пресрет на денешниот натпревар, битолчани имаат биланс 1/2 и се на третата позиција во својата група. Евентуален успех денеска може да ја олесни работата во финишот, односно во борбата за второто место во групата за што најсериозен ривал е Подгорица.


