Македонскиот стручњак Никола Василев по кратка пауза повторно има ангажман во странство и тоа во Полска каде што работеше во минатото.
Од денеска, тој е прв тренер на полскиот прволигаш Арка Гдиња, попознат во минатото како Проком Трефл, име со кое настапуваше и во Еворлигата од 2004 до 2013 година. Токму во тој период доминираше во домашното првенство, освојувајќи девет титули по ред, од 2004 до 2012 година, а во 2003 играше во финалето од Лигата на шампионите на ФИБА.
✍🏻 𝐍𝐢𝐤𝐨𝐥𝐚 𝐕𝐚𝐬𝐢𝐥𝐞𝐯 nowym trenerem AMW Arki Gdynia! 🟡🔵
🌊 Среќно, тренер! 🇲🇰 #plkpl
— AMW Arka Gdynia (@ArkaGdyniaKosz) November 12, 2024
Сега Арка е далеку од тие денови, во моментов е на последното место вo првенството со само една победа на шест натпревари, што резултираше со смена на досегашниот ренер Артур Гронек, па Василев ќе има задача да ја спаси од испаѓање. Полската кошарка не му е непозната на 40-годишниот стручњак кој во сезоната 2018/19 беше асистент во Легија Варшава. Меѓу другото, тренер на Арка во минатото беше уште еден Македонец, Тане Спасев. Интересно е тоа што Василев е повозрасен од Кошаркарскиот клуб Арка бидејќи полскиот прволигаш е формиран во 1995 година.
Василев има завидна кариера на интернационално ниво, со каква можат да се пофалат малку македонски тренери. Пред нешто повеќе од една деценија почна во Бахреин, потоа работеше во Иран, а од 2015 година речиси редовно е во странство: Лиетувос Ритас, па Џукија, Легија Варшава, повторно Џукија, а минатата сезона ја почна во бугарскиот Берое и ја заврши во литванскиот Мажеикиаи. Долго време беше селектор на младинските селекции во земјава, а лани направи огромен успех со сребрениот медал на Европското првенство Б-дивизија, како селектор на У20 репрезентацијата на Македонија.


