Генералното собрание на Евролигата ја отфрли можноста завршниот турнир од елитното кошаркарско натпреварување оваа сезона да се игра во Абу Даби.
Претставници на главниот град на Обединетите Арапски Емирати понудија 75 милиони евра за организација на Ф4 во следните три години, но идејата не беше прифатена од мнозинството. Така, единствен преостанат кандидат за завршниот турнир од Евролигата останува Белград откако претходно од комбинација испадна и Барселона.
Конечната одлука уште не е донесена, а се шпекулира дека таа ќе биде позната на 15 ноември. Сепак, со оглед на ваквиот развој на настаните, јасно е дека Белград може да се подготвува по трет пат во последните седум години да ги пречека најдобрите четири клуба од континентот. Завршниот турнир се одржа таму во 2018 година кога триумфираше Реал и во 2022 кога титулата ја освои Анадолу Ефес.


