Сите три порази во АБА 2 лигата оваа сезона, Пелистер ги доживеа поради пад во една од четвртините.
Исклучок не беше ни денешниот меч на гости кај Џокер на кој српскиот претставник славеше со 93-84 и покрај тоа што Пелистер одигра извонредни три квартали и беше повеќе од рамноправен противник. Против Подгорица колабираше во последната четвртина која ја загуби со 10-27, на претходниот меч со Џокер тоа се случи во третиот период (16-25) исто како и вечерва во Сомбор.
Откако го доби првото полувреме со 53-49, Пелистер не личеше на себе во третата четвртина. Џокер го отвори второто полувреме со 19-2 за водство од 68-56 на средина од тој период и практично тогаш беше решен победникот. Нешто подоцна домаќините имаа и +16 (76-60), па и покрај тоа што Пелистер се доближи на -6 во финишот, немаше сили за целосен пресврт.
Антоан со 18 поени беше најефикасен кај Пелистер, Мишковиќ додаде 17, а Костоски 16. Мора да се истакне дека само седум кошаркари го понесоа главниот товар кај нашиот тим. Пелистер ќе ја бара шансата за пласман во следната фаза во последните две кола, во декември кога гостува кај Широки и потоа ја пречекува Подгорица.


