По шест одиграни кола, во кои имаше неколку блескави изданија, екипата на Гостивар одлучи да направи промена на квартетот странци во составот.
Од тимот си заминува српскиот интернационалец Лазар Димовски кој немаше голем придонес во играта, а и тренерот Љупчо Малинков не го користеше многу. Иако настапи на сите шест меча, Димовски на теренот поминуваше по 9,5 минути, а интересно е тоа што не постигна ниеден поен, а упати само седум шута од игра и два од линијата за слободни фрлања.
На местото на Димовски доаѓа најдобриот играч на Вардар во досегашниот дел од сезоната Дешон Хемптон. Во дресот на „црвено-црните“, Американецот просечно постигнуваше по 15,2 поена и 8,4 скока со индекс 18,6, но ни тоа не беше доволно за барем една победа на Вардар кој е на последната позиција на табелата.
Гостивар во моментов е со биланс 2/4, но успеа да го победи Пелистер на домашен терен, а во неделата му даде силен отпор на шампионот МЗТ Скопје од кого загуби по продолжение.


