Кога се чинеше дека ја најде вистинската форма и дека може да влезе во нова долга победничка серија, Црвена Звезда доживеа нов шокантен пораз.
На гостувањето кај еден од најслабите тимови во Евролигата, Асвел, српскиот тим загуби со 74-77 и тоа два дена откако убедливо, исто така како гостин, го совлада шампионот на Франција, Монако. Иако во најголем дел од мечот беше во негатива, дури и двоцифрена, Звезда во финишот пропушти неверојатна шанса да дојде до триумф.
На помалку од минута пред крајот, со тројката на Кенан, гостите поведоа со 74-71, а потоа Јаго загуби една топка, Петрушев направи фаул во напад и Асвел го затвори мечот со серија од 6-0 за трет триумф во Евролигата оваа сезона и крај на серијата од пет порази. Тројка за евентуално израмнување во последниот напад не погоди Теодосиќ и Звезда сега има биланс 5/5.
Блескаше поранешниот НБА кошаркар Тео Маледон кој постигна 26 поени за индекс 36, како и некогашниот играч на Партизан, Жофри Ловерњ кој оствари дабл дабл со 13 поени и 10 скока. Петрушев со 18 поени и 7 скока беше најдобар играч на Црвена Звезда.


