Ноќеска на програмата во НБА лигата се играше само еден натпревар и тоа меѓу Јута и Далас во Солт Лејк Сити.
На големо изненадување, триумфираше домашниот тим со 115-113, остварувајќи ја само третата победа во досегашниот дел од сезоната. Далас беше во водство безмалку цело прво полувреме, но тоа не беше многу високо и по 24 минути изнесуваше 64-61. Пресвртот се случи во третиот период кој Јута го доби со 38-21, благодарение на две подолги серии, една од 11-0 и една од 9-0.

Далас се консолидира во последната четвртина, преку Лука Дончиќ повторно дојде до водство, но потклекна во драматичниот финиш. На 36 секунди пред крајот Јута преку Колинс поведе со 113-110, Клеј Томпсон потоа израмни со тројка, а во клучниот напад Џордан Кларксон ја искористи лошата одбрана на Дончиќ и со забивање го постави конечниот резултат. Гостите имаа шест секунди, Маршал се обиде од корнер, но не погоди.

Доончиќ го заврши натпреварот со 37 поени, 9 асистенции и 7 скока, но залудно бидејќи Далас го претрпе четвртиот пораз по ред и со биланс 5/7 падна на 12. позиција во Западната конференција. Јута, во чии редови најефикасен беше Колинс со 28 поени, се одлепи од последното место на табелата.


