Легендарниот српски кошаркар и поранешен југословенски репрезентативец Жарко Паспаљ остро го искритикува селекторот на Србија, Светислав Пешиќ за неговите критики кон тамошната кошарка.
Паспаљ се согласува дека ситуацијата во земјата не е сјајна бидејќи со исклучок на Партизан и Црвена Звезда, нема други клубови на врвно ниво, а и во гигантите нема голем број домашни кошаркари. Сепак, на некогашниот ас му пречи долгиот молк од страна на Пешиќ.
„Тој за овие проблеми зборува последните четири години. Мајсторе, каде беше претходните 15 години? Не ти беше гајле бидејќи работеше надвор. Мислам дека е лицемерно за тоа да зборува сега, кога е тука и кога виде од прва рака што се случува. Ние тоа го знаеме повеќе од 15 години, а што тој и другите големи тренери направија по тоа прашање? Таа тема не ми е баш најпријатна бидејќи сметам дека не може да се има два различни аршини кога се зборува за нешто.
Се согласувам, ако продолжиме вака, ќе ни се случи истото како и на хрватската кошарка, но имаше 15 години да зборуваш за тоа и каде беше? Ти беше гајле, затоа што беше надвор, Србија тогаш не те интересираше. Сега дојде, потпиша пристоен договор и одеднаш имаш нешто да кажеш. Тоа што Пешиќ го направи на клупата на српската репрезентација е одлично, никој не може да му го одземе, но се останато… Подобро да молчам“, рече Паспаљ во интервју за хрватскиот Тпортал.
Пешиќ долго време ја критикува состојбата во српската кошарка, особено клупската бидејќи Србија е единствена држава која нема национално првенство. Учесниците во АБА лигата во домашниот шампионат се вклучуваат во завршната фаза, а Звезда и Партизан играат само полуфинале и евентуално финале со тоа што „црно-белите“ го бојкотираа првенството во 2022 и 2023 година.


