Летото 2023 европската кошарка доживеа потрес откако Костас Слукас одлучи да го напушти својот матичен клуб Олимпијакос и да се пресели во Панатинаикос.
„Детелинките“ следната сезона ги освои титулите во грчкото првенство и во Евролигата, а најзаслужен за тоа беше токму искусниот плејмејкер. Претстојното лето може да се повтори истата ситуација со тоа што сега во главна улога би можел да биде српскиот репрезентативец Никола Милутинов.
Грчките медиуми денеска тврдат дека Панатинаикос сака да го продолжи договорот со Матијас Лесор со тоа што му понудил 2,3 милиони евра по сезона. Французинот е задоволен во ПАО, но постои реална можност да се пресели во НБА што е негова дамнешна желба и затоа во атинскиот клуб мораат да бараат алтернатива.
Наводно, изборот паднал на Милутинов кому договорот со Олимпијакос му истекува идното лето. На прв поглед, невозможно е Србинот да го издаде клубот од Пиреја кој му помогна кога му беше најтешко и се мачеше со повреди, но во професионалниот спорт ништо не е невозможно.


