В четврток во Скопје, Римас Куртинаитис ќе дебитира на селекторската позиција во литванската репрезентација откако неодамна беше избран за наследник на Казис Максвитис.
Денеска тој ги почна првите подготовки како предводник на националниот тим и меѓу другото, се обиде да ја анализира македонската репрезентација.
„Засега знам само дека Ти Џеј Шортс нема да игра. Не ги познавам многу, но од анализите дознавме на каков начин играат и отприлика кој на што е способен. Исто така, од натпреварот со Полска знам дека се добри шутери, но за тој меч, повеќе би рекол дека Полјаците одиграа лошо затоа што веќе имаат обезбеден пласман на Европското првенство како ко-домаќини. На ова ниво, не е важно како се вика нашиот противник, мораме сите добро да ги анализираме и да одиграме со максимален капацитет“, рече Куртинаитис.
И Литванците имаат проблеми со ростерот бидејќи селекторот ги нема на располагање најголемиот дел од играчите од Жалгирис, како и другите евролигашки и НБА ѕвезди, но во секој случај, европскиот првак од 2003 година е апсолутен фаворит во овој двомеч.


