Иако постоеше минимална шанса да настапи, натурализираниот македонски репрезентативец Итан Хап дефинитивно отпадна од конкуренција за настап на дуелите против Литванија, утре и в недела.
Такво нешто најави селекторот Александар Јончевски уште на собирот во понеделникот, но тлееја надежи дека ситуацијата ќе се подобри и дека Американецот, сепак, ќе успее барем делумно да заздрави. Кошаркарот на Валенсија не игра повеќе од три недели, последен пат настапи на мечот против Билбао на 27 октомври и оттогаш е во процес на рехабилитација. Тој има три повреди во моментов кои не се многу тешки, но бараат одмор и последните денови ги помина на испитувања и прегледи во Скопје.
Хап беше најдобар играч на македонската репрезентација на првите два меча во квалификациите, против Естонија и Полска. Просечно постигнуваше по 18,5 поени и 8,5 скока со индекс 30,5, највисок од сите кошаркари во тимот.
Ова значи дека Македонија против Литванија ќе настапи без натурализиран кошаркар, односно со целосно домашни слики. Раководството и стручниот штаб на Париз одбија да го пуштат Ти Џеј Шортс кој е главен играч на овој тим и еден од најдобрите во Евролигата оваа сезона.


