Прославениот советски и литвански репрезентативец Римас Куртинаитис вечерва во Скопје ќе дебитира како селектор на националниот тим на Литванија, во квалификацискиот дуел со Македонија за пласман на Европското првенство во 2025 година.
По неуспехот во квалификациите за Олимписките игри, неговиот претходник Казис Максвитис доби отказ, па Куртинаитис е во можност да ја води репрезентацијата до крајот на овој циклус. Пред денешниот натпревар, тој повикува на претпазливост и тврди дека нема да ја потцени Македонија.
„Повеќе се плашам од нас самите, отколку од противникот. Тие (Македонците н.з.) имаат свои проблеми, а се разбира дека за нас е полесно поради тоа што нема да им играат главните играчи. И покрај тоа, мора да останеме фокусирани и да ја завршиме нашата работа, а нивните проблеми си се нивни.
Имаме многу добри информации за противникот, знаеме како игра со најдобрите играчи и како без нив. Не ни треба нешто посебно, само максимална ангажираност, мотивација и енергија во текот на сите 40 минути“, рече Куртинаитис.
По две одиграни кола Македонија и Литванија имаат идентичен биланс, 1/1, а на чело е репрезентацијата на Естонија со максимален ефект.


