По осум порази во низа во меѓусебните дуели и безмалку 13 месеци, Партизан успеа да го победи својот најголем ривал Црвена Звезда и тоа во својот најтежок момент.
„Црно-белите“ претрпеа шест порази по ред во Евролигата, но вечерва го одиграа најдобриот натпревар оваа сезона и буквално ја прегазија Звезда, со 89-77. Актуелниот шампион на АБА лигата беше конкурентен до средината на втората четвртина, а потоа тргна доминацијата на Партизан.
Со серија од 12-3 отиде на +7 (39-32), на стартот на второто полувреме поведе со 52-39, а највисоката предност ја имаше во последниот квартал кога дојде на +17 (75-58). Најмногу што успеа да се доближи Звезда беше осум поени разлика, на крајот од третата четвртина, но победата на Партизан во ниеден момент не беше загрозена.
За „црно-белите“ ова е само трета победа, во 11. меч во Евролигата оваа сезона, додека Црвена Звезда сега е со негативен биланс, 5/6.


