Комесарот за натпреварување при Кошаркарската федерација на Македонија му изрече жестока казна на МКК Куманово поради случувањата во салата „Перо Наков“, на мечот против Феникс одигран минатиот викенд, во седмото коло од Првата лига.
Натпреварот беше прекинат во финишот од првото полувреме откако домашните навивачи фрлија пиротехнички средства на теренот поради што натпреварот беше во прекин околу 50 минути. Откако се создадоа услови за игра, мечот продолжи, но без присуство на гледачи.
Поради ова, МКК Куманово е казнет со вкупна сума од 77 илјади денари по пет основи: фрлање тврди предмети кои можат да причинат повреда (24.000 денари), фрлање на терен петарди, чадни бомби и експлозивни напрви (16.000), неспортско навивање на национална основа (16.000), неспортско и навредливо навивање (8.000) и неисправни технички уреди (3.000). Покрај ова, кумановскиот прволигаш е казнет и со два меча без присуство на публика на домашен терен, а казната ќе ја „одлежи“ во дуелите против Работнички во деветтото и Вардар во 11. коло.
МКК Куманово во текот на неделата се јави со реакција за инцидентите и се огради од однесувањето на навивачите, барајќи казни за виновниците.


