Македонската репрезентација пристигна во Клаипеда каде в недела повторно ќе се соочи со Литванија, а на тој меч во составот нема да биде најдобриот играч од вчерашниот дуел Кристијан Николов.
Плејмејкерот вчера постигна 18 поени и воодушеви со неколку потези, потсетувајќи зошто своевремено беше еден од најголемите таленти во македонската кошарка. Тој не отпатува со остатокот од репрезентацијата, неофицијално поради тоа што не добил дозвола од неговиот клуб. За неговото отсуство информираше и селекторот Александар Јончевски на прес-конференцијата по вчерашниот натпревар во Скопје.
На позицијата организатор на играта Македонија в недела ќе го има Ненад Димитријевиќ кој вечерва тргнува за Литванија и би требало во доцните вечерни часови или рано наутро да пристигне на крајната дестинација.


