Репрезентацијата на Словачка испушти да дојде до една од најзначајните победи во својата историја бидејќи го имаше в раце актуелниот европски шампион Шпанија.
Пред крајот на првото од двете продолженија на мечот на кој беа домаќини, Словаците имаа предност од 67-64 и требаше да изведат аут од под кош. До крајот остануваа само 0,4 секунди и потребно беше само некако да се уфрли топката во игра. Тоа го направија, но Санти Јуста ја „украде“ и упати шут – пред истекот на времето. Погоди сензационална тројка со која го израмни резултатот, но за тоа сигурно му беа потребни повеќе од 0,4 секунди бидејќи времето се пушта по првиот контакт со топката од кој било играч, а Јуста откако играше со неа, таа тапна на земја и тој дури потоа шутираше кон кошот.
Increíble, inverosímil, insólito.
— Sergio Llebrés (@llebres11) November 22, 2024
Santi Yusta fuerza la SEGUNDA prórroga con 4 DÉCIMAS de segundo. Vaya dos triples para salvar a España sobre la campaña.pic.twitter.com/9UoDmEGPmo
На забавена снимка јасно се гледа дека времето е пуштено многу по првиот контакт и дека Јуста шутира на 0,2 секунди пред крајот што е практично невозможно. Сепак, судиите при прегледувањето на ситуацијата не го зедоа тоа предвид и ја признаа тројката. Мечот отиде во второ продолжение во кое Шпанија беше подобра и на крајот победи со 76-72.
Записничката маса најчесто е составена од локални судии што значи дека во овој случај словачката репрезентација „настрада“ од своите кои задоцнија со пуштањето на времето и ѝ овозможија на Шпанија да се крене од пепелта и да дојде до значаен триумф.


