Најдобриот бугарски кошаркар во историјата и еден од најдобрите во Европа во моментов Александар Везенков сака да ја промени репрезентацијата, тврди грчкиот новинар Василис Скундис.
Иако нема официјална потврда за вакво нешто, Везенков наводно сака да игра за националниот тим на Кипар кој како ко-домаќин има обезбеден пласман на Европското првенство што ќе се одигра идната година. Кипраните веќе го договорија мозес Рајт да игра за нив, но се чини дека нема да застанат тука бидејќи сакаат да направат респектабилен тим за своето дебитантско учество на континенталните шампионати.
Во правилникот на ФИБА е назначено дека кошаркарите на одредена возраст имаат право да го променат националниот тим иако претходно играле за друга репрезентација. Такво нешто може да се случи само ако „постои интерес за развојот на кошарката во земјата“, како што беше случај со репрезентацијата на Бахами која лани ангажира неколку американски кошаркари, вклучувајќчи го и поранешниот репрезентативец на САД, Ерик Гордон и за малку не обезбеди пласман на Олимписките игри во Париз.
Везенков би имал право да игра за Кипар бидејќи е роден во Никозија и таму живеел до 14-годишна возраст кога со своето семејство се преселил во Солун. Кошарка почнал да игра на свои 9 години во АПОЕЛ, а потоа станал член нна Арис, па на Барселона итн.


