И покрај тоа што повеќе од 30 минути беше конкурентна и го диктираше темпото, македонската репрезентација доживеа уште еден пораз од Литванија во квалификациите за Европското првенство во 2025 година.
Дури, Литванците славеа поубедливо отколку во дуелот во Скопје, тогаш беше 15, а вечерва 22 поени разлика (94-72). Којзнае каков ќе беше резултатот ако во тимот не беше Ненад Димитријевиќ кој повеќе од три четвртини буквално сам играше против европскиот и светски кошаркарски гигант.
За неговата одлична игра, најдобра потврда е фактот што во првата четвртина постигна 18 поени, а учествуваше во 26 од вкупно 27 поени на нашата репрезентација која воведните 10 минути ги заврши со 27-23. Во вториот период Литванците успеаја делумно да го запрат нашиот најдобар играч, но Македонија на полувреме замина со предност од 46-43.
Сепак, со еден кошаркар не се игра, Димитријевиќ не ја доби потребната помош од соиграчите и домашната селекција направи пресврт во третиот период. Разликата не беше голема, но сепак Литванија сега го диктираше темпото и беше во водство. Можеби финишот ќе беше драматичен ако на шест минути пред крјот не се повредеше Димитријевиќ и не го напуштеше теренот. Во тој момент на семафорот стоеше 75-67, а во последните шест минути домаќините направија 19-5 и на крајот остварија победа која не соодветствува на она што се случуваше на теренот.
Уште една потврда за доминацијата на Димитријевиќ беше тоа што го заврши натпреварот со неверојатни 43 поени, а зад него беа тројца со по само шест: Крстевски, Стајиќ и Маслинко. Покрај ова, нашиот најдобар кошаркар постигна уште 6 асистенции и 4 скока за индекс 40.
И покрај поразите од Литванија, Македонија не ги загуби шансите за пласман на Европското првенство и за тоа ќе решава во февруарските дуели против Естонија во Талин и Полска на домашен терен.


