За македонската репрезентација можеше се да биде готово вечерва кога станува збор за борбата за пласман на претстојниот Еуробаскет, но тоа, сепак, не се случи.
Заслуга за тоа има Полска која направи мало изненадување, триумфирајќи на гостувањето во Естонија со 88-86. Со тоа, Полјаците ѝ ги задржаа шансите на Македонија за прв настап на континенталниот шампионат по пауза од една деценија.
Сепак, работата на нашите кошаркари останува ѓаволски тешка и конечниот епилог не зависи само од нив. Прво, на 21 февруари треба да ја победат Естонија како гости со повеќе од пет разлика, а потоа, три дена подоцна, да ја совладаат и Полска на домашен терен со надеж дека Литванија нема да дозволи сензација и исто така, пред своите навивачи ќе ја победи Естонија.


