Откако синоќа, благодарение на Полска, македонската репрезентација остана со теоретски шанси за пласман на Европското првенство, сега станува јасно дека таа има шанси да се избори за место на континенталниот шампионат.
Последните натпревари се играат на 21 и 24 февруари, а не е исклучено на тие дуели Македонија да биде комплетна, со своите најдобри кошаркари. Евролига направи отстапка и во периодот кога ќе се играат решавачките дуели, нема да има редовно коло, па тоа е добра можност селекторот Александар Јончевски да ги има во составот Ненад Димитријевиќ и Ти Џеј Шортс.

На 6 и 7 февруари се игра 26. коло од елитното европско натпреварување, а потоа следува тринеделна пауза, период во кој ќе се игра завршницата од националните ккупови и потоа финишот од квалификациите за Европското првенство. Следното, 27. коло е на програмата на 27 и 28 февруари.

Веројатно нема дилема дека Димитријевиќ, ако биде здрав, ќе се најде во составот за решавачките дуели бидејќи тоа е голема можност и за него, првпат во кариерата да заигра на Европско првенство. На селекторот и неговиот стручен штаб останува да одлучат кој од двајцата натурализирани Американци ќе биде во тимот. На стартот од квалификациите, Јончевски одлучи тоа да биде Хап кој одлично се снајде и беше еден од најзаслужните за победата против Полска, а на двата воведни меча имаше просечен индекс 30,5, а како висок играч, можеби би бил подобро решение и за следните два дуела. Од друга страна, Шортс е еден од најдобрите играчи во Евролигата оваа сезона, но прашање е дали е компатибилен со Димитријевиќ и, од друга страна, дали Париз ќе го пушти да дојде имајќи предвид дека сега не дозволи тој да отпатува во Клаипеда и покрај тоа што плејмејкерот немаше обврски во текот на викендот. Хап може да игра во секој случај бидејќи тој со Валенсија учествува во Еврокупот.
Во случај да сме комплетни, нема да биде изненадување ако, сепак, се пласираме на Европското првенство и покрај тоа што не зависи се од нас. Естонија на гостински терен треба да ја победиме со пет или повеќе разлика, а потоа да славиме и против Полска и Литванија да ја совлада Естонија. Проблем е и што Литванците веќе обезбедија пласман на Европското првенство и прашање е дали ќе бидат мотивирани за триумф против својот сосед.


