Победничкиот кош против шампионот на НЦАА му донесе голема слава на македонскиот репрезентативец Андреј Јакимовски кој денеска е еден од главните во американските медиуми кога се зборува за студентската кошарка.
Колорадо само вторпат во својата историја оствари победа против Јукон и тоа го направи на исклучително драматичен начин, со кош на Јакимовски на девет секунди пред крајот. Македонецот по мечот откри дека добил насоки и поддршка од тренерот тој да оди на поени во последниот напад.
„Тренерот побара од мене да го земам последниот шут, направи добра акција за мене, бев ‘еден на еден’, успеав да погодам и пресреќен сум поради тоа бидејќи победивме одлична екипа. Денеска одигравме одлично во одбрана, не дозволивме противникот да има предност во скокот и мислам дека ако продолжиме вака, ќе имаме одлична сезона“, рече Јакимовски по мечот.
Во досегашниот дел од сезоната, македонскиот репрезентативец просечно постигнува по 12,2 поена и 5,8 скока.


