Откако тренерот Ергин Атаман и сопственикот на Панатинаикос, Димитриос Јанакопулос остро се спротивставија на навиката, освојувачите на НБА лигата да се нарекуваат светски шампиони, се посериозно се зборува за суперфинале меѓу прваците на НБА и Евролигата.
Раководството на грчкиот клуб се залага за такво нешто и нема да биде изненадување ако идната година биде организиран таков натпревар. Со оглед на тоа што во актуелниот календар нема место за тоа, а НБА го прави распоредот година однапред, такво нешто е возможно дури идната есен иако е можно тогаш сегашните шампиони да не бидат освојувачи на трофеите.
На таа тема сега зборува и спортскиот директор на Панатинаикос, Сани Бечировиќ кој уште еднаш најави дека постои можност за ваков дуел.
„Тоа се само некои ситни провокации, но мислам дека е вистински концепт. Познавајќи ги нашиот тренер и претседател, тоа е нивен начин и не гледам ништо погрешно околу тоа. Ќе го цитирам нашиот претседател: Можеме да сместиме 100 илјади луѓе на стадион во Атина ако го донесеме НБА шампионот да игра против нас. Зошто тоа не би го направиме за да ја зголемиме популарноста на кошарката и зошто да не им овозможиме на навивачите да уживаат во таков спектакл?“, рече Бечировиќ.
Тој признава дека во моментов страните не се ни блиску до организација на ваков натпревар, но има уште една година тој да се организира. Желбата на сите во Панатинаикос е да се игра еден натпревар, по правилата на ФИБА и тоа во октомври идната година.


