По катастрофалниот старт на сезоната, Олимпија Милано влезе во одлична форма и денеска ја оствари петтата победа во последните шест кола.
Таа има огромно значење ако се знае дека е остварена против лидерот на табелата Фенербахче и тоа на негов терен, во Истанбул. Олимпија Милано славеше со 91-85 во меч во кој имаше предност и од 17 поени разлика (85-68).
Во финишот Фенербахче се доближи на само четири поени негатива (85-89), но тоа се случуваше во последните секунди и немаше време за целосен пресврт на турскиот клуб.
Убедливо најдобар играч на натпреварот беше Никола Миротиќ кој постигна 29 поени и 9 скока за индекс 38, но се истакна и македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ. Тој на теренот помина само 19 минути, а за тоа време постигна 15 поени, 4 асистенции и 2 скока за индекс 17, втор највисок во редовите на италијанскиот тим.


