Легендата на грчката кошарка Василис Спанулис вечерва дебитираше како тренер во Евролигата и долго ќе го памети својот прв натпревар.
Од пред неколку дена тој е тренер на Монако, а денеска го имаше својот прв натпревар во елитното европско кошаркарско натпреварување. Шампионот на Франција гостуваше кај актуелниот европски првак Панатинаикос и го победи со 91-88 за трет триумф во низа со што се доближи на една победа од првата позиција на табелата.
Монако беше во водство во поголем дел од мечот, највисоката предност изнесуваше седум разлика, но во последниот квартал Панатинаикос ја презеде контролата над резултатот и изгледаше дека ќе успее да извлече победа. Се се смени во последната минута во која ПАО влезе со предност од 86-85. На 30 секунди пред крајот Лојд погоди тројка за водство на Монако од 88-86, Нан потоа ја загуби топката, а Лојд од линијата за слободни фрлања го однесе својот тим на +4. Лесор успеа само да намали на два поена негатива, но Окобо на три секунди пред крајот стави точка на мечот.
Спанулис е легенда на грчата кошарка, но не е омилен кај навивачите на Панатинаикос иако со овој клуб освои титула во Евролигата во 2009. Следната година изврши огромно предавство со преселбата во Олимпијакос каде ги помина последните 11 сезони во кариерата и со клубот од Пиреја освои уште две титули во елитното европско натпреварување. Судбината сакаше своето деби во Евролигата да го забележи во Олимписката арена во Атина, а веќе во вториот меч, в среда ќе се сретне и со вториот свој поранешен клуб – Олимпијакос, но во Монако.
РЕЗУЛТАТИ
Фенербахче – Олимпија Милано 85-91
Црвена Звезда – Баерн 101-77
Панатинаикос – Монако 88-91
Асвел – Анадолу Ефес 97-82


