Во исклучително неповолна ситуација, екипата на Работнички вечерва во Кале го пречекува актуелниот вицешампион на Македонија, Пелистер во дербито на осмото коло од Првата македонска кошаркарска лига.
Најтрофејниот кошаркарски колектив во земјава се соочува со внатрешни проблеми поради што во петокот реагираа и играчите кои не се задоволни од третманот на управата, а тоа носи и лоша атмосфера во екипата. Пелистер има друг проблем бидејќи во претходно коло доживеа неочекуван и сензационален пораз од Шкупи на домашен терен што беше голем шок за тимот кој има амбиции да донесе барем еден трофеј во Битола оваа сезона.
Ова ќе биде прв дуел на Работнички и Пелистер по судирот во полуфиналето од плејофот минатата сезона. Тогаш славеа битолчани со 3-1 и трет пат по ред обезбедија пласман во големото финале каде, исто така трет пат по ред, загубија од МЗТ Скопје. Работнички на денешниот натпревар ќе биде засилен со новиот интернационалец Немања Капетановиќ кој дојде за време на репрезентативната пауза, како замена за Малколм Бернард.
Дербито на осмото коло се игра во Кале од 19 часот, во исто време кога стартува и вториот денешен дуел, меѓу лидерот Чаир и Тиквеш. Од 16 часот се среќаваат Шкупи и МКК Куманово.


