На денот кога Александар Јончевски доби ангажман во првенството на Полска, неговиот асистент од репрезентацијата Никола Василев ја оствари првата победа во истиот шампионат.
Екипата на Арка, која се наоѓа на последното место на табелата, на домашен терен го совлада Чарни Шљупск со 88-80 за само втор триумф оваа сезона, а прв на македонскиот стручњак кој беше назначен на тренерската позиција пред репрезентативната пауза. Драматичниот меч беше одлучен во финишот, а го одбележа драма која се случи во последната четвртина.
На осум минути пред крајот, поради две технички грешки, исклучен беше еден од најдобрите играчи на Арка, Лукаш Коленда. Се чинеше дека тоа ќе биде еголем проблем за тимот од Гдиња, но место тоа, Арка заигра уште подобро и во последниот период поведе и со 14 поени разлика за да докаже дека моменталната позиција на табелата не е реален одраз на квалитетот на тимот.
По две победи, како и Арка, имаат екипите на Остров и Зјелона Гора, а пред нив се пет тима со биланс 3/5, меѓу кои и новиот клуб на Јончевски, Шљонск.


