Пред тешката недела во која му претстои двојна програма во Евролигата, Панатинаикос поминува низ вистинско лудило.
Грчките медиуми тврдат дека во центарот на вниманието се репрезентативецот Јанис Папапетру и американскиот интернационалец Кендрик Нан. Наводно, двајцата се степале на тренинг по што Папапетру го нокаутирал својот соиграч и го испратил в болница. Дека има нешто потврди и тренерот Ергин Атаман кој откри дека Папапетру е суспендиран.
„Ќе биде надвор од тимот некое време. Тоа е одлука на клубот, според интерниот кодекс. Значи, не е техничка одлука, туку одлука на клубот“, рече Атаман.
Папапетру не беше во тимот на ПАО на денешниот меч против Маруси на кој грчкиот и европски шампион славеше со 100-74. Нан беше во протоколот, но само формално.


