Иако Белград беше главен фаворит за организација на завршниот турнир од Евролигата, тој сепак ќе се одржи во главниот град на Обединетите Арапски Емирати, Абу Даби, тврди литванскиот портал Баскетњуз.
Одлуката уште не е потврдена од Евролига, но порталот се повикува на свои извори во оваа организација, а ги има многу, со оглед на тоа што извршен директор е Литванецот, Паулиус Мотиејунас. Неофицијално, Абу Даби понудил 25 милиони евра за организација, додека Белград нудел само пет милиони. Во гласањето, Абу Даби победил со 11-2.
Завршницата од елитното кошаркарско натпреварување е планирано да се одржи од 23 до 25 мај 2025 година и тоа во Етихад арената која има капацитет од 18 илјади места. Во оваа арена, неколку години наназад се одржуваат НБА претсезонски натпревари, а претходното лето, таму се сретнаа и САД и Србија во рамките на подготовките за Олимписките игри во Париз.
Ова нема да биде првпат завршниот турнир од Евролигата (која е формирана во 2000 година) да се игра на азискиот континент. Во 2004 година, домаќин беше Тел Авив и тогаш триумфираше тимот на Макаби.


