Поранешниот шампион на Македонија, Работнички го доживеа и петтиот пораз сезонава во АБА 2 лигата откако вечерва загуби на гостувањето кај Сутјеска со 75-94.
Тимот од Градски парк беше рамноправен во првото полувреме кое заврши со само четири поени предност за домашниот тим, но не го издржа вториот дел. Со оглед на тоа што за Црна Гора замина драстично ослабен, без Ѓуроски и Полутак, Работнички не можеше да парира со скратена ротација, па во второто полувреме успеа да постигне само 30 поени.
Клучна беше серијата од 10-0 во последната четвртина по која Сутјеска поведе со 83-65, па до крајот на мечот успеа да го сочува водството и да дојде до драгоцена победа. Самарџиев искористи само седум кошаркари, а најефикасен беше новиот играч Капетановиќ со 18 поени.
На коло пред крајот, јасно е дека Работнички ќе заврши на последното место во групата, а со тоа и ќе го заврши својот втор настап во АБА 2.. Сутјеска во последниот круг ќе има директен дуел за второто место со тимот на Босна.


