И македонскиот вицешампион Пелистер денеска го игра натпреварот од петтото коло на АБА 2 лигата кој е од исклучително значење за него.
Битолчани гостуваат кај Широки во надеж дека ќе дојдат до втората победа сезонава и со тоа ќе си ги продолжат надежите за пласман во следната фаза. Пелистер синоќа доби ветер в грб од Џокер кој ја совлада Подгорица, но треба и самиот да направи нешто за да обезбеди учество во топ-8, а друг избор нема, освен да слави во последните две кола.
Единствената победа досега Пелистер ја оствари токму против Широки, на домашен терен во првото коло кога славеше со 74-72. Потоа доживеа три порази, два од Џокер и еден во Подгорица и се најде во позиција во последните две кола да брка победи за да остане во игра за место во следниот круг. Пораз со повеќе од три разлика вечерва ќе значи крај на сите надежи за Пелистер.
Во однос на тој меч во Битола, босанскиот претставник е засилен со некогашниот играч на Макаби и Басконија, Дарко Планиниќ кој против Подгорица оствари дабл дабл и беше најзаслужен за победата. Што се однесува до Пелистер, тој е во серија од два пораза во домашното првенство или вкупно три, ако се има предвид и АБА 2 лигата. Натпеварот во Широки Бријег се игра од 18 часот.


