До пред две кола, поранешниот евролигаш Арка се наоѓаше на последната позиција на табелата, а веќе денеска има ист биланс со екипите кои се во плејин зоната од полското првенство.
Една од главните причини за тоа е македонскиот стручњак Никола Василев кој минатиот месец седна на тренерската клупа и веќе има повеќе победи од својот претходник (две). Вечерва Арка славеше на гостувањето кај Старгард со 76-83 и сигурно по деветтото коло нема да биде на последното место затоа што меѓу себе играат двете екипи кои се на дното Стал и Гливице.
Василев во меѓувреме направи и реконструкција на тимот, донесе неколку засилувања, па може да се очекува во следниот период да се вклучи во борбата и за првите шест места на табелата.


