Екипата на Далас Маверикс конечно успеа да ја најде вистинската форма и влезе во победничка серија по која се приближи до врвот на Западната конференција.
Раководството на клубот, сепак, размислува малку подалеку и ги разгледува сите опции за дополнително да го засили тимот со што би се вмешал во борбата за шампионската титула. Една од опциите е суперѕвездата на Мајами, Џими Батлер за кого се заинтересирани уште неколку екипи од НБА.
Мајами сака да се ослободи од неговиот огромен договор имајќи предвид дека Батлер оваа сезона има загарантирани 48,8, а идната 54,4 милиони долари. Поради ова, франшизата од Флорида се подготвува да го трејдува својот лидер, а Далас е на пол-позиција за неговиот потпис.
Ако успее да го донесе, Лука Дончиќ и Кајри Ирвинг ќе добијат екстра засилување во борбата за шампионската титула иако Батлер има 35 години и е на залезот на кариерата.
Сезонава тој постигнува просечно по 19 поени, 5,4 скока и 4,8 асистенции и секако би бил од голема помош во битката за шампионската титула. За него се интересираат и Хјустон Рокитс и Голден Стејт Вориорс.


