Иако минатата недела беше поставен за нов тренер на Виртус, а оттогаш неговиот тим одигра два натпревара, Душко Ивановиќ дури вечерва ќе дебитира на новата функција.
За дуелот против Црвена Звезда не беше навреме регистриран, а за дербито со Олимпија Милано немаше лиценца од италијанската лига за која беше потребен извесен период. Во меѓувреме се е средено и Ивановиќ ќе го води Виртус на мечот од 15. коло од Евролигата.
Судбината сакаше своето деби на новата позиција да го има против Басконија, клубот кој го водеше безмалку 12 години во четири наврати: од 2000 до 2005, од 2008 до 2012, од 2019 до 2021 и минатата сезона, но по десетина одиграни кола во Евролигата и шпанското првенство. Интересно е тоа што денешниот меч ќе биде прв за него како ривал на Басконија во Евролига. Покрај овој клуб, ги водеше уште Барселона, Панатинаикос и Црвена Звезда, но никогаш не се сретнал со Басконија каде секако ќе биде пречекан со сите почести. Со Ивановиќ се поврзани три од четирите титули во историјата на Басконија во шпанското првенство и четири од шесте трофеи во Копа дел Реј што најдобро зборува за наследството што го остави тој во клубот од Виторија. Сето тоа го направи 67-годишниот стручњак заштитен знак на Басконија и прва асоцијација за шпанскиот прволигаш кај сите љубители на кошарката.
Црногорецот нема да има воопшто лесна работа бидејќи Виртус го презема како последнопласиран на табелата во Евролигата со биланс 2/12.


