Ако до пред неколку години шпанските екипи доминираа во Евролигата, како и во другите европски натпреварувања, оваа сезона тие доживуваат тотален колапс.
По 15 кола од Евролигата, ниедна шпанска екипа не се наоѓа меѓу најдобрите десет, а во овој круг ниедна од нив и не успеа да оствари победа иако сите играа на домашен терен. Барселона беше разбиена од Олимпија Милано со 81-94, Реал од Жалгирис со 83-92, а Басконија од Виртус со 81-82. Од вкупно 45 натпревари на шпанските екипи оваа сезона, остварени се само 20 поени што е незабележано досега откако се игра по актуелниот формат во Евролигата.

Најдобро пласирана е Барселона која се наоѓа на 11. место, но по деветтото коло, каталонскиот клуб беше лидер на табелата. Кризата почна со поразот од Париз на домашен терен (87-103) по што во следните шест кола Барса оствари само една победа.
За разлика од Барса, Басконија и Реал имаат проблем од самиот старт на сезоната. Во моментов Басконија е во серија од два, а Реал од три порази со тоа што баскискиот тим е на 14., додека мадридскиот на 13. место. И во претстојното коло трите екипи имаат тешка задача: Реал гостува кај лидерот Париз, Барселона го пречекува Фенербахче, а Басконија оди кај Макаби.


