Дури во 12. коло, екипата на Партизан го доживеа првиот пораз сезонава во АБА лигата откако вечерва на домашен терен загуби од Будуќност со 90-97.
Поразот доаѓа во период кога „црно-белите“ влегоа во одлична форма и врзаа пет победи во Евролигата со што се доближија до местата кои водат во плејаутот. Сепак, победата на Будуќност е апсолутно заслужена ако се знае дека црногорскиот првак постојано се наоѓаше во водство и го принуди противникот цел меч да брка негатива.
Партизан беше ослабен на овој натпревар бидејќи Нтиликина и Дејвис не беа во комбинација поради висока температура. Стерлинг Браун на теренот помина 37 минути и за тоа време постигна 23 поени со што беше најефикасен на мечот, додека Сулајмон ја предводеше Будуќност со 22 поена.
Пред Партизан е исклучително тежок период бидејќи претстојната недела го очекуваат два натпревара во Евролигата, а потоа и АБА дерби со Црвена Звезда.


