И тимот на Пелистер со пораз го заврши својот настап во АБА 2 лигата откако вечерва на домашен терен загуби од Подгорица со 74-93.
Натпреварот немаше никакво резултатско значење бидејќи уште завчера беше јасно дека двете екипи ќе испаднат, односно нема да продолжат во топ-8 фазата од регионалното натпреварување. Сепак, пред своите навивачи Пелистер се надеваше дека ќе дојде до втората победа сезонава и на тој начин ќе се прости од АБА 2 што на крајот не се случи.
Кобно беше второто полувреме кое им припадна на гостите со 44-29, но во центарот на вниманието беше кошаркарот на Подгорица, Џошуа Скот. Американецот го одигра веројатно натпреварот на својата кариера, постигнувајќи 53 поени со 6 скока, 6 асистенции и 5 украдени топки за индекс 63 со кој сигурно ќе биде играч на колото во АБА 2.
Кај Пелистер, најефикасен беше Бојиќ со 16 поени, Антоан додаде 14, а Мишковиќ 13. Битолчани веќе задутре ги очекува дерби во домашното првенство, против ТФТ на домашен терен.


