Американскиот интернационалец Девон Дае Грант од денеска официјално е член на шпанскиот прволигаш Бреоган.
Таму заминува за да го покрие отсуството на Чарли Мур кој доживеа тешка повреда и ќе го нема подолг период. Според информациите од Бреоган, Грант требаше денеска да пристигне и да се приклучи на екипата и можно е дури без тренинг да настапи на утрешниот исклучително важен меч за опстанок, против последнопласираната Жирона.
Грант замина во Бреоган од српскиот прволигаш Раднички, но сезоната ја почне во екипата на Феникс од Скопје. За тимот од Гази Баба настапи на само три меча во домашното првенство и веднаш можеше да се забележи дека е играч за многу посилни лиги.
Против Работнички, Чаир и Вардар, Американецот постигна вкупно 85 поени (28,3 по натпревар) и оствари вкупен индекс 108 (36 по натпревар) со што во тој период беше убедливо најдобар кошаркар во македонското првенство. Дека тоа не е случајно покажа и во Србија каде бележеше нешто помали, но сепак респектабилни бројки од 22,9 поени со идентичен индекс.


