Бранителот на титулата Црвена Звезда му се одмазди на Партизан за неодамнешниот пораз во Евролигата и излезе како победник во првото АБА „вечно“ дерби за оваа сезона.
Белградските гиганти Црвена звезда и Партизан одиграа меч со драматична завршница кој го добија црвено-белите со 89-84, па по 13 кола, три екипи се израмнети на врвот со биланс од 11 победи и два пораза. Мечот беше неизвесен во целиот тек, двете екипи се менуваа во водство, ниту една не успеа да создаде двоцифрена предност. Првото полувреме го доби Партизан со 51-50, но тоа беше само најава за она што се случуваше до крајот на мечот.
Во последниот период Црвена звезда го држеше водството, Партизан намалуваше на еден поен негатива, но искусните домашни кошаркари не дозволија пресврт во последните секунди и дојдоа до исклучително важен триумф. Ова е десетта победа по ред за Црвена Звезда која во воведните три кола претрпе два пораза, но успеа да се консолидира, да ги совлада Будуќност и Партизан и да се вмеша во борбата за првото место на табелата по основниот дел од сезоната.
Најефикасен во составот на Црвена звезда беше Боломбој со 14 поени, Калиниќ постигна 13. Кај Партизан најефикасен беше Џонс со 19 поени, Браун реализираше 18.


