Екипата на Партизан доживеа пораз од Црвена Звезда во дербито на 13. коло од АБА лигата, а по мечот, тренерот на „црно-белите“, Жељко Обрадовиќ упати низа критики кон регионалното натпреварување.
Во финишот од натпреварот, имаше неколку спорни моменти на кои се жалеа играчите и стручниот штаб на Партизан што и беше тема на излагањето на трофејниот стручњак.
„Добив техничка грешка без предупредување иако само на англиски јазик реков дека е фаул во напад. На другата страна имаше предупредувања пред техничките грешки. Фаулот беше во напад, го видов тоа по мечот. Имаше и комични ситуации, еден судија во првото полувреме свири едно, другиот друго, па овој другиот ми се извинува дека погрешил.
Зошто е тоа така? Затоа што натпреварувањето е несериозно. Зошто зад нашата клупа има заштитна ограда, а ја нема на натпреварите во Евролигата: Постојат два аршина. Мене кога ма навредуваат, играта не се прекинува, во обратен случај се прекинува. Среќа е што шампионот во АБА лигата нема пласман во Евролига“, рече Обрадовиќ.
Последните две сезони освојувачите на титулата во АБА влегоа во Евролига со специјална покана, а Црвена Звезда и Партизан долго време се обидуваат да изборат долгогодишна лиценца. Ако тоа се случи, нема да биде изненадување наскоро АБА лигата сосема да згасне или да се игра без српските клубови.


