Комесарот за натпреварување при Кошаркарската федерација на Македонија, Александар Милојевиќ го поднесе извештајот за судењето на вчерашното големо дерби од АБА лигата, меѓу Црвена Звезда и Партизан.
Милојевиќ беше во улога на контролор на судењето на тој натпревар, а од неговата анализа може да се заклучи дека Партизан е оштетен од арбитрите на натпреварот. Милојевиќ се осврнал на четири спорни точки од кои две се во врска со исклучувањето на Филип Петрушев.
„На 2:37 минути пред крајот на првата четвртина, судиите правилно го санкционираа неспортското однесување на Петрушев и му досудија техничка грешка. На 0:57 пред крајот на втората четвртина, судиите правилно го санкционираа дополнителното играње со топка и му досудија техничка грешка на Петрушев (автоматски исклучување н.з.).
На 0:59 пред крајот на четвртата четвртина, судиите донесоа неправилна одлука при изведувањето од страна на Стерлинг Браун, досудувајќи прекршување на правилото за изведување од пет секунди. На 0:45 секунди пред крајот на четвртата четвртина, арбитрите донесоа неправилна одлука со тоа што не досудија чекори од Џоел Боломбој“, се вели во извештајот на Милојевиќ.
Црвена Звезда славеше во дербито со 89:84, а претставниците на Партизан, вклучувајќи го тренерот Жељко Обрадовиќ, имаа многу забелешки на судењето во клучните моменти. Од извештајот на контролорот може да се заклучи дека биле во право. Судии на натпреварот беа Урош Николиќ, Томислав Хордов и Лука Кардум.


